top of page
img4_edited.png

Краток историски преглед на Евангелска Црква во Македонија

Почетоците на Евангелска Црква во Македонија се од 80-тите години на минатиот век , кога во градовите Скопје и Штип се појавиле неколку луѓе, кои во различни контексти слушајќи ја пораката на Евангелието, поверувале во Исус и почнале да се собираат на неформални собири. Некаде во 1988 година, додека Република Македонија сѐ уште беше дел од СФР Југославија, два брачни пара мисионери од Србија доаѓаат во Скопје и Штип да им помогнат на тие мали постоечки групи верници и со тоа започнуваат и официјалните богослужби и регистирации на тие заедници во склоп на Христова Пентекостна Црква на Југославија. Водачи на скопската црква станале Димитрије и Цвета Пападиќ, а водачи на штипската црква Будимир и Астерија Јакиќ. 

Во 1991 година, црквите во Скопје и Штип купуваат и куќи, кои со адаптација стануваат користени како црковни објекти, а тогаш се случува и промената на официјалното име на црквата, со името Евангелска Црква во Република Македонија, со седиште во Скопје, на ул. Франклин Рузвелт бр. 16. 

Стратегијата на водачите на црквата била млади верници и млади брачни парови да се испраќаат на студии по теологија, најчесто на Евангелско Теолошкиот Факултет во Осиек, Хрватска, или на други факултети во Србија, Бугарија, Англија, Канада и други места, за да се обучуваат нови водачи на црквите во Македонија. По заминувањето на Димитрије и Цвета Попадиќ, набргу потоа во 1994 година пасторската улога на Евангелска Црква во Скопје ја превзема Мирчо Андреев, кој станува и претседател на Евангелска Црква во Република Македонија.

Во следните триесеттина години на независна Македонија, се основаат над триесет нови Евангелски цркви и мисиски станици насекаде низ државава. Повеќето од тие цркви денеска имаат ракоположени пастори, кои имаат завршено соодветно теолошко образование. 

Во 2020 година, Мирчо Андреев почина, после што за нов претседател на Евангелска Црква е избран Петре Петров, кој е пастор на Евангелска Црква во Штип, а со новиот статут и промената на името на државава, новото официјално име стана Евангелска Црква во Македонија. Главно одлучувачко тело на деноминацијата е Советот на пастори, кој во моментов има 22 пастори, а деноминацијата има и свој Извршен тим и потпретседател. 

Во текот на сите години од постоењето на Евангелска Црква во Македонија, црквата била активна во основање на нови цркви, во купување или градење на нови црковни објекти, во издавање на христијанска литература, во разни настани на евангелизации, поучувања, трибини, дебати, концерти, конференции, семинари, кампови, потоа детски, младински, женски и машки собири, програми за ослободување на зависници, итн. Исклучително важен аспект во делувањето на Евангелска Црква биле хуманитарните активности на хуманитарната организација АГАПЕ и на многу други индивидуални хуманитарни акции и проекти. Евангелска Црква денеска во своите редови има доктори, магистри и дипломирани теолози, мажи и жени, вклучени во разните активности на црквата, а има и свој теолошки факултет ЕТИК – Евангелско Теолошки Институт Куманово, за теолошка обука на нови кадри. Евангелските цркви во разните градови низ Македонија се водени од  домашни луѓе од Македонија, но Евангелска Црква отсекогаш негувала и плодни интерденоминационални и интернационални врски и соработка на ниво на партнерство со разни христијански цркви и организации од земјава и од странство.     

bottom of page